Пеколна ждрепка за Рељиќ на ЛОИ: Двојна олимписка шампионка на патот до нов таеквондо успех (Видео)

Македонската таеквондистка, Миљана Рељиќ, утре го започнува настапот на Летните олимписки игри во Париз, во дисциплината до 57 килограми. Нашата олимпијка својот прв натпревар ќе го има точно на пладне, односно во 12 часот, а за противник во првото коло ја доби британката, Џејд Џонс, двократна олимписка шампионска од игрите во 2012 и 2016. Британката е и светска шампионка од 2019-тата, како и трикратка победничка на Европските првенства.

И покрај тешката ждрепка, Рељиќ и нејзиниот тренер, Ефтимов, најавуваат беспоштедна борба и очекуваат нов успех на македонското таеквондо, после сребрениот медал на Дејан Георгиевски на игрите во Токио.

„Првата борба ми е против британката, Џејд Џонс, која е двократна олимписка шампионка и има уште многу европски и светски медали, но тоа не ме обесхрабрува, туку ми дава уште поголем мотив да победам и зошто да не стигнеме и до медал.“ – вели Миљана Рељиќ.

„Формата на Мила е во нагорна линија, подготовките се одвиваат одлично. Се надеваме на одличен резултат и во четврток да се прикажеме во најдобро светло, да дадеме се од себе и да ја израдуваме Македонија.“ – додава тренерот Александар Ефтимов.

Рељиќ на турнирот влегува како 14-та носителка, додека Џонс е трета. Сепак, во таеквондото не секогаш победуваат фаворитите, а за тоа доказ е токму британката Џонс, која на минатата Олимпијада во Токио беше прва носителка, но загуби уште во првото коло од 16-тата носителка. Во категоријата до 57 килограми во Токио победи Анастасија Золотиќ од САД, која на турнирот влезе како седма носителка, откако во финалето ја совлада петтата носителка, Татиана Минина од Русија.

- Оглас -

Најнови вести