Бетис водеше со 1:0 на полувремето, но на крајот загуби убедливо со 1:4 од Челзи во финалето од Конференциската лига на УЕФА. По мечот, тренерот на Бетис, Мануел Пелегрини, мирно го прифати поразот од Челзи, но беше многу разочаран што не успеа да го одведе Бетис до првиот европски трофеј во клупската историја.
Пелегрини објасни која е причината за драстичниот пад во играта на Бетис во второто полувреме. Според стратегот на шпанскиот тим, клучна била повредата на Ез Абде, кој го даде голот за водство на Бетис, но потоа мораше да биде заменет во 53-тата минута.
По таа измена на Бетис, започна и доминацијата на Челзи, па англискиот тим во периодот од 65-тата до 90-тата минута постигна четири погодоци.
„Одигравме многу силно прво полувреме, во кое постигнавме гол и создадовме уште неколку чисти шанси. По паузата, Ез Абде се повреди и повеќе не бевме толку опасни во нападот, а Челзи почна да го наоѓа својот ритам и да ни го отежнува сè повеќе и повеќе“, рече Пелегрини.
„Нашите навивачи создадоа неверојатна атмосфера, дури и по натпреварот. Тоа најмногу нè боли бидејќи не можевме да ги направиме среќни со трофејот. Повредите беа главната причина зошто не можевме да се натпреваруваме во второто полувреме. Челзи е многу силен тим и ја искористи предноста. Нашиот вкупен настап оваа сезона е голем чекор напред и мислам дека навивачите би се согласиле. Сега играчите се крајно разочарани. Треба да бидеме горди на она што го постигнавме“, додаде Чилеанецот, кој е на чело на Бетис.