Еурофарм Пелистер со пораз стартуваше во групната фаза во ЕХФ Европската лига. Битолчани на свој терен во салата „Боро Чурлевски“ загубија од Архус со 30:27. Данскиот тим во поголемиот дел од мечот имаше предност и на крајот заслужено, триумфално си замина од Битола.
Пелистер одлично го отвори мечот со водство од 3:1, потоа домаќините стигнаа и до највисоката предност од 7:4. Битолчани го контролираа резултатот и водеа со 10:7, но тогаш застанаа.
Гостите од Данска со фуриозна игра направија серија од 7:1 и негативата од три гола за многу брзо време ја претворија во позитива од три гола (14:11), а до полувреме Архус имаше позитива од четири голови (16:12).
Во второто полувреме гостите постојано ја контролираа предноста, која најмногу изнесувашет пет разлика, и тоа во пет ситуации. Архус последен пат пет гола водеше со 25:20. Пелистер тогаш реши со последни сили да нападне и да избегне пораз, па стигна само до еден негатива (26:27) на пет минути пред крајот.
Сепак, гостите од Данска не се збунија од налетот на Пелистер, ниту од одличната атмосфера која ја направија домашните фанови во салата „Боро Чурлевски“ и нанижаа три погодоци по ред за 30:26 и веќе беше јасно кој ќе победи.
Во второто коло Пелистер ќе гостува кај Агуас Санас во Португалија.