Силекс го освои Купот на Македонија за сезоната 2020/21 откако фудбалерите на тимот од Кратово се покажаа како подобри пеналџии против Академија Пандев во финалето кое се одигра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Ова е трета куп-титула за Силекс, односно прва по пауза од 24 години, а овојпат пенал-рулетот не беше во полза на бранителот на трофејот, во овој случај составот на Александар Васоски.
Во регуларните 90 минути, особено првото полувреме беше доста мирно, а првите знаци на возбуда се случуваа во самата завршница. Радески со опасен шут од далечина се закани кон голот на кратовци, меѓутоа обидот му заврши блиску до левиот дирек.
Дурански на другата страна се најде во најопасната ситуација за Силекс, која се случи во продолженијата, а тактичкото надмудрување, кое беше очигледно од самиот почеток, доведе да се шутира пенал-рулет.
Силекс ја доби предноста да ја започне лотаријата, по што Симовски беше прецизен, Стоилов израмни на 1-1 по првата серија. Без грешка се шутираше до четвртата серија, а Јовановски со фантастична одбрана ѝ донесе предност на Академија Пандев, но и Димовски возврати со интервенција, која ги остави кратовци во игра.
Последната, петта серија се покажа како кобна за Пандевци, откако Карчески сигурно реализираше и донесе предност од 4-3 за Силекс, а Велиновски ја погоди гредата во возвратиот пенал, па екипата од Кратово можеше да почне со славење.