Репрезентацијата на Србија со пораз од 1-0 од Англија го започна настапот на Европското првенство во Германија. Големо изненадување беше тоа што капитенот на Србија, Душан Тадиќ, остана на клупата за резерви, а шанса за настап доби во 61-вата минута, кога во игра беше уфрлен на местото на Александар Митровиќ.
„Тадиќ не е повреден, тоа беше дел од тактиката. Сакав да го поштедам. Знаев дека второто полувреме ќе биде одлучувачко. Сакав да го имам свеж во тимот, тоа беше дел од тактиката“, рече селекторот на Србија, Драган Стојковиќ – Пикси, по натпреварот.
Сепак, капитенот на репрезентацијата на Србија, Душан Тадиќ, не се согласува со оваа одлука на селекторот и вели дека токму тој е најдобриот играч во оваа екипа.
„Разговарав со селекторот, имаме добра комуникација. Тешко ја прифатив неговата одлука бидејќи игравме против Англија. Капитен сум, лидер сум на екипата. Мислам дека сум најдобриот играч во овој состав, без лажна скромност. Секако дека мислам дека требаше да бидам стартер. Сепак, ја почитувам одлуката на селекторот. Можев многу повеќе да направам ако играв 90 минути. Сепак, ако селекторот сака Душан Тадиќ да игра само 30 минути, јас ќе играм. Јас би сакал да играм 90 минути, но ја почитувам одлуката“, вели капитенот на Србија, Душан Тадиќ.