Питино: Во НБА само Голден стејт шутира подобро од Фенербахче

Победата на Фенербахче против Панатинаикос од 85:66 во синоќешниот дуел од Евролигата, предизвикала срам кај гостинскиот тренер Рик Питино, па тој рече дека на моменти посакувал да ја напушти салата во Истанбул и да се фрли во Мраморното море.

„Како игравме? Сакав да се фрлам во Мраморното море. Честитки за Фенербахче, кој не може да игра одбрана каква што се игра во НБА, но шутираат подобро од сите НБА тимови, освен од Голден Стејт вориорс. Додавањата и шутевите им се подобри од повеќето НБА екипи. Не знам дали Фенер би се снашол во НБА, играта е поинаква, некои правила се поинакви. Мене многу ми се допаѓа Евролигата, штета што дојдов среде сезона, како некаков спасител“ – рече 66-годишниот стручњак.

На Питино му се допаѓа и атмосферата на трибините во Европа.

„Навивачите тука се многу поразлични од тие во НБА, пасионирани се како фановите на најдобрите колеџи во САД. Жалгирис, Макаби, Панатинаикос, имаат многу жестоки навивачи. Тоа ја прави Евролигата поспецијална од НБА“ – додаде Питино кој за својот плејмејкер Ник Калатис вели дека е подобар додавач од Меџик Џонсон, а за Жељко Обрадовиќ кажа дека е на нивото на Пет Рајли, Фил Џексон и Мајк Кшижевски.

- Оглас -

Најнови вести