Најдобриот француски фудбалер во историјата и поранешен претседател на УЕФА, Мишел Платини, искажа големи критики кон современиот фудбал. Платини, кој има 64 години, имаше забрана да се занимава со фудбал, но казната за корупција истече и тој се подготвува за враќање. Во едно интервју Платини говореше за погубното влијание на парите и предложи да се воведе лимит на странците по клубовите.
„Сега можеш да ги купиш најдобрите играчи и да освојуваш трофеи. Сè е базирано на богатството. Парите ја убиваат филозофијата на фудбалот. Претседател на УЕФА треба да има интерес сите да учествуваат и секој да има шанса да победува. Сега не е така”, вели Платини, кој како негативен пример го спомна францускиот првак Пари Сен Жермен.
ПСЖ стана еден од најбогатите клубови кога во 2011 година клубот беше купен од катарска компанија.
„Претседателот е Катарец, спортскиот директор е Бразилец, тренерот Германец, зошто продолжуваат да се викаат Пари Сен Жермен? Може да си го сменат името во Кока-Кола, на пример, или нешто друго”, додава Платини.