По година и пол, Реал Мадрид конечно се враќа на „Сантијаго Бернабеу“

Реал Мадрид и официјално објави дека дуелот против Селта Виго закажан за 11 септември ќе го игра на „Сантијаго Бернабеу“. Тоа ќе биде прв меч на Реал на домашен терен, откако во првите две кола гостуваше кај Алавес (победа од 4:1) и кај Леванте (3:3), додека во третото коло ќе гостува и кај Бетис.

Потоа следува пауза за репрезентативни настапи, а по враќањето на клупските обврски, Реал дома ќе ја пречека Селта од Виго.

Реал Мадрид од почетокот на пандемијата, односно од првата третина на минатата година, своите мечеви како домаќин ги игра на помошниот стадион „Алфредо ди Стефано“ затоа што „Сантијаго Бернабеу“ се реновираше. Иако стадионот не е комплетно завршен, Реал реши дека е време да се врати на својот оригинален дом.

Капацитетот на „Сантијаго Бернабеу“ ќе остане 81.000 гледачи, а целосно новиот изглед со шопинг-центар, хотел, нов ресторан и подземни гаражи на пет спрата ќе биде добиен на крајот од 2022 година. По комплетната реконструкција, теренот на стадионот треба да биде подвижен и да се придвижи кога нема да се играат фудбалски мечеви, па можно е некогаш и кошаркарскиот клуб на Реал своите мечеви од Евролигата да ги игра на „Сантијаго Бернабеу“, но и да се играат тениски и други спортски натпревари.

Комплетната реконструкција на стадионот ќе чини 796 милиони евра, а Кралевите пресметале дека ќе генерираат приход од милијарда евра по сезона од фудбалските мечеви, но и од концертите и другите случувања на кои ќе може да биде домаќин „Сантијаго Бернабеу“.

 

- Оглас -

Најнови вести