По нотите на Мичел, Јута го декласира десеткуваниот Бруклин (видео)

Моментално најефикасниот состав во НБА лигата, тимот на Јута џез, ја оствари 17-тата домашна победа во низа по убедливите 118:88 над десеткуваниот Бруклин. Мрежичките беа потполно надиграни во Солт Лејк сити каде што пристигнаа без ниту една ѕвезда.

На веќе повредениот Дурант, Ирвинг отсуствуваше поради својот роденден, додека Харден пријави болки во вратот пред самиот меч, што беше најава дека Бруклин лошо ќе помине против лидерот од Западната конференција.

Со високи 38 поени Јута ја отвори првата четвртина, по која гостите веќе паднаа во голема двоцифрена негатива од која не закрепнаа. Колку всушност недостасуваа Ол-стар ѕвездите, потврдува фактот што Бруклин на средина од третиот период броеше само 44 поени, навистина скромно за претендент за титулата.

https://twitter.com/NBA/status/1374949941450268674

Донован Мичел диригираше на теренот со 27 поени и 7 асистенции, со по 18 поени придонесоа Богдановиќ и Конли во големата победа. На другата страна, пријатно изненадување беше Ализ Џонсон со дабл-дабл учинок од 23 поени и 15 скока.

Милвоки го доби дербито на ноќта против Бостон селтикс со минимални 121:119 за осма победа во низа. Елените предводени од одличниот Крис Мидлтон и неговиот двоен учинок од 27 поени и 13 скока, го одржаа позитивниот биланс против Селтикси на веќе петта последователна победа на домашен терен во меѓусебните дуели.

И покрај тоа што Јанис Адетокумбо забележа скромен учинок од 13 поени, 8 скока и 7 асистенции, Келтите цело второ полувреме бркаа негатива од речиси 20 поени, за на крајот само да го ублажат поразот.

Останати резултати НБА:

Индијана 116:111 Детроит, Торонто 135:111 Денвер, Чикаго 94:103 Кливленд, Хјустон 97:122 Шарлот, Минесота 108:128 Далас, Орландо 112:111 Феникс, Сан Антонио 101:134 ЛА клиперс, Сакраменто 110:108 Атланта.

- Оглас -

Најнови вести