По поразот од Торино: Најдобра партија на Милан досега

На Милан му се заканува уште една неуспешна сезона, иако во текот на летото се направија големи промени, пред сè во стручниот штаб, но и во оперативниот сектор. Речиси истиот состав кој го предводеше Џенаро Гатузо, на располагање му е и на Марко Џампаоло со плус неколку засилувања, но тимот и натаму продолжува со слабите резултати.

Вчера Росонерите загубија на гостувањето кај Торино, иако го имаа резултатот во своја корист до 70-тата минута. Белоти со два гола му го нанесе третиот пораз на Милан по пет кола, а тренерот Џампаоло вели дека неговата екипа ја одигра најдобрата партија откако ја презеде клупата.

„Имавме целосна контрола на мечот, создававме шанси, но „нè убија“ бројните промашувања. Наместо да ги решиме дилемите, им оставивме простор да се вратат во игра и не само што го сторија тоа, туку ни ги одзедоа бодовите. Како и да е, јас забележав голем напредок во нашата игра, можам да кажам дека ова ни беше најдобра партија досега. Се забележа жар во моите играчи, желба за надигрување. Исто така, се држеа до планот наместо да се потпрат на индивидуални квалитети. Напредуваме, само ни треба уште малку време да се консолидираме и малку повеќе самодоверба за да решаваме натпревари многу порано од што треба“, истакна Џампаоло.

Покрај трите порази, Милан до шест бода стигна преку минималните победи над Бреша и Верона и засега е на 13-тата позиција на табелата во Серија А. Во недела на „Сан Сиро“ му доаѓа тимот на Фиорентина, кој исто така е во лоша форма и се наоѓа во долниот дел од табелата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести