Реал Мадрид е новиот европски шампион, а титулата освен во Мадрид и помеѓу нивните навивачи ширум светот, донесе многу причини за радост и кај уште неколку екипи.
Украински Шахтер Доњецк обезбеди директен пласман во групната фаза, а доколку победеше Борусија ќе мораше да играат во плеј-офот. Нивното место во последното коло од квалификациите го доби Динамо Загреб, кој сега е на само еден чекор од пласман во главната фаза од Лигата на шампионите, но со пораз оди во групите од Лигата на Европа. Доколку не го освоеше трофејот Реал Мадрид, екипата на Стефан Ристовски и Аријан Адеми ќе играше во второто квалификациско коло.
Поместувања има и во почетните кола од квалификациите. Шампионите на Азербејџан и Унгарија, Карабаг и Ференцварош, својот пат сега ќе го почнат од второто коло, наместо од првото, а таму екипата на Борац од Бања Лука стана дел од групата на носители и како можен противник сега го има и македонскиот шампион, Струга.
Додека ние сме далеку и од носители во првото квалификациско коло од Лигата на шампионите, екипата на Динамо Загреб од победата на Реал Мадрид заработи минимални 13 до 15 милиони евра, сума која ќе се зголеми со телевизиските права и од успехот кој би го постигнале во Лигата на шампионите или Лигата на Европа.