Почнува 75-тата сезона во НБА, двата главни фаворити за титулата играат уште вечерва

Со дерби-натпреварите Милвоки бакс – Бруклин нетс и Лос Анџелес лејкерс – Голден стејт вориорс, доцна вечерва почнува новата, 75-та сезона во кошаркарската НБА-лига. Раководството на НБА сакаше да ги загрее фановите уште на првиот ден од сезоната со два интересни дуели, во кои ќе се појават актуелниот првак и два тима кои важат за главни фаворити за титулата.

Според аналитичарите во САД, а и кај нас, според квотите во обложувалниците Sport Life, најголеми шанси за титула му се даваат на Бруклин. Нетс имаат проблем со Кајри Ирвинг, кому клубот не му дозолува да игра и да тренира бидејќи не е вакциниран. Но, и да не игра Кајри, Мрежичките се многу опасен тим.

Главни адути на Бруклин се Кевин Дурант и Џејмс Харден, кои ќе бидат помогнати од Блејк Грифин, Пол Милсап, Ламаркус Олдриџ, Пети Милс. Тренерот Стив Неш има доволно оружја за титула, уште ако се приклучи и Ирвинг, сите противници ќе ја почувствуваат силата на овој тим.

На Истокот, битката за конференциската титула се очекува да ја водат актуелниот првак Милвоки и Нетс, екипи кои вечерва играат една против друга.

Лејкерс е втор фаворит благодарение на имињата што ги има. Составот е полн со ѕвезди, но тоа претежно се ветерани, за кои најдобрите денови се далеку во минатото. Леброн Џејмс оди по својата петта титула во кариерата, а ќе треба да му помогнат Расел Вестбрук, Ентони Дејвис, Реџон Рондон, Кармело Ентони, Двајт Хауард, Деандре Џордан. Лејкерс не доби ниту еден меч во подготвителниот период, па многумина предвреме ги отпишуваат.

На Западот, освен Лејкерс, сериозни конкуренти се и Феникс, Денвер и Јута.

Голден стејт немаше пораз во подготвителниот период, таму со нетрпение го чека враќањето на Клеј Томпсон, тоа нема да се случи вечерва, а сезонава историја може да испише Стеф Кари ако даде повеќе од 141 тројка. Ако успее во тоа, а веројатно само некоја потешка повреда може да го спречи, Кари ќе го надмине Реј Ален и ќе стане најдобриот тројкаш во историјата на лигата.

Грег Попович е на 26 победи од тоа да стане тренер со најмногу победи во историјата на НБА. Во текот на сезонава (на 2 март 2022) ќе се одбележи 60-годишнината од 100-ката на Вилт Чемберлен. Интересно е што аналитичарите не го земаат предвид Леброн Џејмс како прв фаворит за МВП на сезоната. Предност им се дава на Дурант, Јанис Адетокумбо и Лука Дончиќ.

- Оглас -

Најнови вести