Почнува најнеизвесната сезона во НБА: Кој ќе ги тргне Езерџиите од тронот?

По два и пол месеци, НБА-лигата се враќа на програмата, а стартот на новата сезона 2020/21 ќе се означи со два мегадуели. Премиерата им припадна на Бруклин нетс и Голден стејт вориорс, каде што во „Барклајс центарот“ во Њујорк ќе биде возбудливо да се проследи камбекот на Кевин Дурант, што воедно за него ќе биде деби во дресот на Мрежичките, а ќе го оствари против тимот со кого освои два шампионски прстени.

Тој дуел е закажан во 01 часот по полноќ, а три часа подоцна сцената ќе се ослободи за градските ривали Лејкерс и Клиперс. Актуелните шампиони ја имаат честа како домаќини да ја отворат сезоната во која ќе ја бранат титулата, а празниот „Стејплс центар“ во Лос Анџелес нема да биде пречка за спектакл кој ќе го приредат Леброн и Дејвис, наспроти Ленард и Џорџ на другата страна.

ЗАПАД

Според многумина, ланската сезона требаше да биде најквалитетна и најнеизвесна досега, меѓутоа пандемијата со корона-вирусот беше голема пречка што финишот од регуларниот дел од сезоната, како и плејофот, се играше во посебни услови.

Во балонот во Орландо, Лејкерси се покажаа како најмоќни, а Кралот и Веѓата беа предводници во походот кон 17-тата титула во историјата на оваа франшиза. За одбрана на титулата, Езерџиите дополнително се засилија. Жолто-виолетовиот дрес го облекоа Денис Шрудер, Весли Метјуз, Монтрес Харел и шампионот од 2018/19, Марк Гасол.

Оваа сезона Западната конференција располага со невидена конкуренција. Јасно е дека со Лејкерси, Клиперс се главните конкуренти за доминација во Конференцијата и воедно за титулата. Ленард и Џорџ потпишаа нови договори, како засилување дојде Серж Ибака, додека смената на Док Риверс од тренерската позиција и ангажманот на Тајрон Лу значи вртење нов лист на оваа франшиза.

Од Голден стејт се очекуваше враќање на врвот, меѓутоа таа мисија ќе биде доста тешка бидејќи Клеј Топмсон повторно ќе пропушти цела сезона поради повреда, а на Стеф Кари ќе падне целиот товар.

Лука Дончиќ е подготвен да прави нови магии, а како лидер на Дала, од словенечката ѕвезда се очекува уште една доминантна сезона во која ќе ги турка Маверикс што подалеку во плејофот. Порзингис закрепна од повредата на коленото, па европското дуо на Далас ќе биде атрактивно за следење во текот на целата сезона.

Еднакво квалитетни како лани останаа Денвер нагетс и Јута џез, тука е и обновениот тим на Феникс санс со големото засилување Крис Пол. Портланд исто така не смее да се потцени, додека пријатно изненадување треба да биде младата екипа на Пеликаните од Њу Орлеанс, на чело со Зајон Вилијамсон.

Околу иднината на Џејмс Харден, најдобриот стрелец од изминатите три сезони, уште не се знае ништо. Брадата сака да го напушти Хјустон, од каде што веќе си замина Расел Вестбрук, додека ангажманите на Џон Вол и Демаркус Казинс не се доволни за да го премислат Харден да остане.

ИСТОК

Со оглед на тоа дека Дурант конечно ќе заигра по една и пол година пауза и ќе му се приклучи на Кајри Ирвинг, од Бруклин се очекува да биде меѓу најефикасните екипи во Источната конференција.

Ланските финалисти, Мајами хит, го задржаа составот со кој се бореа за титулата, па тренерот Сполстра ќе треба одново да разработи победнички рецепт за нов подвиг на Жешките.

Јанис Адетокумбо по две освоени МВП награди во низа, ќе сака да се закити и со шампионски прстен, што значи дека Милвоки мора да биде подобар од ланското издание на шампионатот во кое беа елиминирани уште во конференциското полуфинале во разигрувањата. За чекор понапред, доведен е плејмејкерот Џру Холидеј, кој ќе ја има задачата да го „храни“ Адетокумбо со асистенции.

Бостон се ослободи од стаклениот Гордон Хејворд и го даде во Шарлот, а во наредниот период може да се доведе негова замена за да се засили веќе квалитетниот ростер со кој располага Бред Стивенс.

Филаделфија и Торонто и натаму се меѓу конкурентите од Истокот, додека ќе биде интересно да се види како Расел Вестбрук ќе оперира во оваа конференција по преселбата во Вашингтон визардс, односно како ќе функционира со Бредли Бил.

- Оглас -

Најнови вести