Иако по завршување на сезоната дури 14 фудбалери го напуштија „Стемфорд бриџ“, новиот менаџер на Челси, Маурисио Покетино, сака да продаде уште четворица играчи, објавија англиските медиуми.
Сините од продажба на фудбалери овој преоден рок инкасиеа околу 280 милиони евра, Каи Хаверц (Арсенал) беше продаден за 70 милиони, Мејсон Маунт (Манчестер јунајтед) за 64, Матео Ковачиќ (Манчестер сити) за 29, Калиду Кулибали (Ал-Хилал) за 23, Кристијан Пулишиќ и Рубен Лофтус-Чик (Милан) заедно за 36 милиони, Едуар Менди (Ал-Ахли) за 19 милиони евра…
Капитенот Сезар Аспиликуета и Нголо Канте си заминаа без отштета, додека Жоао Феликс се врати во Атлетико Мадрид.
Но, Покетино не планира да застане тука и веќе им порачал на Ромелу Лукаку, Хаким Зијеш, Пјер-Емерик Обамејанг и Калум Хадсон-Одои дека не планира на нив за следната сезона и дека ќе бидат продадени летово.
Лукаку се наоѓа пред изненадувачки трансфер во Јувентус, Калум Хадсон-Одои има понуда од Фулам, Пјер-Емерик Обамејанг има понуда од Саудиска Арабија, додека нејасен е статусот на Зијеш откако му пропадна трансферот, исто така во Саудиска Арабија.