Политички скандал го тресе Баерн Минхен

Откако Мароканецот Нусаир Мазрауи јавно преку „Инстаграм“ даде поддршка за Палестина во војната со Израел, во Германија ова е оценето како голем скандал, па дури и еден германски пратеник од Бундестагот побара Мазрауи да биде избркан од Баерн и протеран од Германија.

Да биде проблемот уште поголем, во Баерн има и Израелец, тоа е резервниот голман Даниел Перец, па останува да се види како тој ќе реагира на објавите на тимскиот колега Мазрауи, кој е обвинет дека дава поддршка на тероризам.

„Господе, помогни им на нашите браќа од Палестина да извојуваат победа. Милост за загинатите, Господ нека им ги залечи раните на ранетите“, порача Мароканецот, меѓу другото, на „Инстаграм“.

По нападите, Мароканецот имаше уште една објава.

„Прво, би сакал да кажам дека сум разочаран што мора да дообјаснувам какви се моите ставови. Илјадници невини луѓе се убиени во овој конфликт, кој излегува од контрола. Мојата позиција е дека секогаш ќе работам за мир и правда во светот. Секогаш ќе бидам против каков било тероризам, омраза и насилство. Не ми беше намерата да навредам некого или да повредам“, напиша Мазрауи.

Од Баерн засега не се изјаснија за однесувањето на Мароканецот.

 

- Оглас -

Најнови вести