Пофалби за фантастичниот млад словенечки кошаркар Лука Дончиќ дојдоа и од тренерот на Сан Антонио спарс, Грег Попович, и најдобриот на сите времиња, Мајкл Џордан.
„Лука е феноменален кошаркар. Млад е, ќе биде уживање да се гледа неговиот развој во НБА“, изјави Џордан, кој ретко дава вакви комплименти.
Дончиќ синоќа се врати на паркетот по повредата и на Сан Антонио му даде 24 поени. Тренерот на Мамузите, популарниот Поп, кој е познат по тоа што сака европски кошаркари и нема проблем да им даде шанса во неговиот тим, вели дека Дончиќ не треба да го споредуваат со Меџик Џонсон.
„Мразам што мора да го кажам ова, ама тој не е Меџик Џонсон. Сепак, има нешто што имаше и Меџик, а тоа е прегледот на играта. Лука се води по интуицијата, а тоа не може да се научи. Одличен е. Не сакам да му наметнувам притисок кој го носи споредбата со Меџик. Уште не е подготвен за тоа, но работи ѓаволски добра работа“, порача Грег Попович.