Попович и дрим-тимот кон Токио тргнаа без една ѕвезда

Грег Попович, селекторот на САД, пред тргнувањето за Токио, доби една добра и една лоша вест. Џереми Грант доби негативен тест за ковид-19 и останува во селекцијата, додека Зек Лавин влезе во ковид-протокол и практично е отпишан за Олимписките игри.

Се остава простор за Лавин во наредните денови да добие негативен тест и да може заедно со Букер, Мидлтон и Холидеј, кои играат финале во НБА-лигата, подоцна да се приклучи на дрим-тимот на САД за планетарниот собир.

Кон Токио вчера тргнаа Дурант, Лилард, Адебајо, Грент, Грин, Тејтум и замените Мекги и Џонсон, додека двата бека на Милвоки и шутерот на Феникс на екипата ќе ѝ се приклучат најдоцна до петок, зависно од тоа дали финалната серија ќе заврши ноќеска по шест меча или пак Сонцата ќе изнудат мајсторка.

Како што е познато, Кевин Лав отпадна од комбинација поради повреда, додека Бредли Бил беше отпишан поради проблеми со ковид-протоколот.

Селекцијата на САД во првото коло ќе се сретне против Франција на 25 јули во 14 часот, додека кошаркарскиот турнир на ОИ стартува со дуелот Иран – Чешка, кој е предвиден да се одигра на истиот датум во 3 часот по полноќ според наше време.

- Оглас -

Најнови вести