Светското првенство во атлетика во сала и официјално е откажано поради коронавирусот во Кина. Натпреварувањето требаше да се одржи од 13 до 15 март, во градот Нанјинг, но е одложено за 12 месеци. Организаторот го послуша советот на Светската здравствена организација и ги одби понудите на другите градови кои сакаа да бидат домаќини.
Коронавирусот досега уби над 130 луѓе во Кина, а се прошири најмалку во 16 земји во светот. Засега се проценува дека од него се заразени околу 6.000 луѓе, а лек уште не е пронајден. Епицентарот на појавата на смртоносниот вирус е во градот Вухан, кој се наоѓа само на 600 километри од Нанјинг.
„Од Светската здравствена организација ни потврдија дека нивото на вирусот во Кина постојано расте и дека нема потреба да форсираме одржување на Светското атлетско првенство, кое решивме да го одложиме за следната година. Им благодариме на сите градови кои се понудија да бидат домаќини на местото на Нанјинг, но поради страв од вирусот и надвор од Кина, решивме дека е најдобро да се одложи натпреварувањето. Сега бараме нов датум за 2021 година, кога би требало да се одржи СП“, соопштија челниците од Интернационалната атлетска федерација.
Атлетскиот мундијал во сала се одржува на секои две години. ВО 2018 година беше во Бирмингам, а за 2022 година треба да биде во нашето соседство, односно во Белград.