Поради страв, првата тенисерка на ВТА-листата нема да игра на ОП на САД

Австралиската тенисерка Ешли Барти најави дека нема да настапи на гренслем турнирот ОП на САД, а причина е загриженоста поради пандемијата со корона-вирусот. Барти моментно е прворангирана на ВТА-листата и ова ќе биде првпат во последните 10 години лидерот на светската листа да не настапи на престижниот турнир во Њујорк.

„Нема да настапам на ОП на САД, а одлуката за тоа дали ќе играм на Ролан Гарос ќе ја донесам во следните неколку дена. Ризикот за зараза од корона-вирусот и понатаму е многу голем и едноставно не се чувствувам пријатно да го изложам целиот мој тим на таа зараза“, изјави Барти.

Последен пат прворангираната тенисерка да ја нема на ОП на САД беше во 2010 година, кога Серена Вилијамс не играше поради повреда. Сега Барти не е повредена, но е уплашена дека може да се зарази од опасниот вирус.

„Ја почитуваме одлуката на секоја тенисерка. Ешли одлучи тоа што е најдобро за неа и за нејзиниот тим. Ѝ посакуваме сè најдобро и ја очекуваме набрзо да се врати на нашиот турнир бидејќи таа една од миленичките на публиката“, изјави Стејси Оластер, која е директорка на ОП на САД.

- Оглас -

Најнови вести