Поранешниот белгиски репрезентативец Раџа Најнголан е уапсен во Брисел под сомнение за учество во шверц со кокаин. Според белгиските медиуми, кои пренесуваат информации од полициски извори, 36-годишниот фудбалер веќе подолг период бил под истрага, но сега е уапсен и задржан во полициска станица.
Најнголан своевремено важеше за еден од најдобрите фудбалери од средниот ред во Серија А, во периодот кога настапуваше за Интер и Рома. Освен за овие две екипи играше и за Пјаченца, Каљари, Антверпен, СПАЛ, додека во моментов е фудбалер на Локерен Темсе. За репрезентацијата на Белгија одигра 30 натпревари.
Најнголан во саботата дебитираше за екипата на Локерен Темсе во втората белгиска лига, а дебито го круниса со ефектен гол.