Поранешен втор пик на драфтот на НБА потпиша за Баерн Минхен

Баерн Минхен го зачува најдоброто за крај, германскиот првак го официјализираше ангажманот на Дерик Вилијамс. Поранешниот втор пик на драфтот на НБА од 2011 година, потпиша договор со „баварците“ до крајот на сезоната. Дваесет и седумгодишниот крилен центар одигра 428 натпревари во НБА-лигата за пет различни екипи, а се одлучи да се проба во Европа, односно во Евролигата, откако не успеа да потпише перманентен договор со ЛА лејкерс во текот на летото.

„Знам дека овој проект на Баерн сѐ уште е во развој, само што се вратија во Евролигата. Јас имав желба да ги покажам моите квалитети во ова натпреварување, кое е едно од најдобрите во светот, па затоа ја искористив оваа шанса да потпишам за Баерн. Имаме амбиции да бидеме шампиони, токму затоа играме и вложуваме голем труд и напор во овој спорт. Мојата лична цел е да напреднам, да бидам што подобар во повеќе сегменти, само ќе ми треба време да се навикнам на правилата и на начинот на којшто се игра кошарката на овие простори“, истакна Вилијамс при претставувањето како ново засилување на Баерн.

На 428 натпревари во НБА лигата, Вилијамс имаше просек од 8,9 поени и четири скока по натпревар, а откако во 2011 година беше избран за втор пик на драфтот од страна на Минесота тимбервулвс, тој уште ги бранеше боите на Сакраменто кингс, Њујорк никс, Мајами и Кливленд. Минатата сезона играше во Кина, каде што настапуваше за тимот на Тијанжин голд лајонс.

 

- Оглас -

Најнови вести