После двапати по 60, сега пораз од 70 поени разлика

Откако во претходните два меча македонската женска репрезентација загуби со по 60 и 61 поени разлика, вечерва во малата сала на СЦ „Јане Сандански“, Шведска триумфираше со 70 поени разлика, со 118:48 во меч од квалификациите за ЕП 2019.

Ова е најтежок пораз за Македонија, но и донекаде можеше да се очекува овој исход со оглед на играчкиот кадар кој го имаше на располагање селекторот Марјан Лазовски. Без десетина кошаркарки од кои 4-5 доста важни, овој тим брзо се предаде против далеку поквалитетниот ривал.

Јелена Антиќ и Нена Трајчевска беа меѓу оние што се на листата на повредени.

Најрасположена, или подобро кажано единствената која покажа нешто, беше Александра Стојановска, која уфрли 21 поени, а имаше и осум скока. Статистички, Македонија најлошо стоеше кај загубените топки, дури 33, а погоди и само едно слободно фрлање од девет обиди.

Последниот настап на „црвено-жолтите“ е в среда на гости кај Хрватска. Во овие квалификации, полоша кош-разлика од Македонија има само Албанија.

- Оглас -

Најнови вести