Историската титула на Манчестер сити и простувањето на Јирген Клоп со Ливерпул го одбележаа денешниот ден во англиската Премиер лига кој уште долго ќе се памети.
Сити стана првиот тим во историјата кој четири години по ред бил првак на Англија, а харизматичниот тренер Клоп си оди од Ливерпул со статус на икона, иако освои само една премиерлигашка титула за девет сезони.
Се чекаа 136 години за првпат да видиме некој тим четири пати по ред, а ако Сити не постави нов рекорд следната сезона, оваа низа од четири титули може уште долго да биде спомнувана како мета за идните генерации.
Работата за Сити сезонава уште не е завршена, им претстои финале во ФА купот против Манчестер јунајтед за потврда на уште една одлична сезона.
Клоп со емотивен говор се прости од публиката на „Енфилд“, но немаше плачење, психички беше спремен за разделбата со клубот кон кој гаи огромна љубов, а таа љубов му беше и возвратена.