Фудбалскиот свет тагува по Емилијано Сала, фудбалерот по кој се трага откако авионот со којшто леташе кон Кардиф исчезна. Како што објавува шпанска „Марка“, Сала испратил аудио-порака до неговото семејство. Сала со истиот авион леташе од Кардиф кон Нант, каде што за последен пат се поздрави со соиграчите од францускиот клуб пред преселбата на Островот. На патувањето назад кон Велс, неговиот авион исчезна, а најблиските се плашат од најлошото.
„Како сте мои мили и луди браќа? Брате, јас сум мртов уморен. Во Нант имав многу работи да завршам, сега сум во авион и патувам за Кардиф, мислам дека во секој момент може да се распадне“, започнува пораката на Сала, а потоа надополни: „Утре започнувам со тренинзи со мојот нов тим, ќе видиме што ќе се случи. Ако за час и половина не се јавам, не знам дали ќе испратат луѓе по мене да ме бараат, бидејќи нема да ме најдат… Но, тато, се плашам…“, се последните зборови на Аргентинецот.
Иако истрагата денес продолжува, засега се пронајдени само делови од авионот, а според штетата, се верува дека нема преживеани. Иако нема официјален став, навивачите на Нант, како и на Кардиф, веќе се простуваат од фудбалерот. Нант дури и ги одложи следните два меча кои требаше да ги игра.
Сала пред неколку дена го реализираше трансферот во Кардиф за клупски рекорд од 17 милиони евра, но трагедијата го спречи да дебитира за новиот клуб.
Во целата трагична приказна за исчезнувањето на 28-годишниот Сала, ненадејно се вклучи и Кристијано Роналдо, и тоа поради невнимание, но Португалецот го навлече гневот кај легендарниот англиски фудбалер Гари Линекер.