Постои реална шанса: Јувентус крои план како да го доведе Мбапе

Италијанскиот првак Јувентус пред почетокот на сезоната го направи најзвучниот трансфер доведувајќи го Кристијано Роналдо во Торино. Сега, сопственикот на „старата дама“, Андреа Ањели, е во нов поход, сака да го доведе „Новиот Роналдо, само помладиот“. Според италијанскиот весник „Република“, се работи за Килијан Мбапе.

Која е шемата по која Мбапе може да си замине од Пари Сен Жермен и зошто би го одбрал токму Јувентус?

УЕФА веќе подолго време го притиска ПСЖ да го реши проблемот со надминувањето на ферплеј-лимитот, инаку францускиот првак може да биде суспендиран од Лигата на шампионите. Најлесно решение да се добие потребниот приход за да се биде во рамките на ферплеј-лимитот на УЕФА е да се продаде еден од двајцата најдобри играчи, Нејмар или Мбапе.

Нејмар го има најскапиот договор за плата, па тешко кој би прифатил да му ја дава таа плата како „светците“. Бразилецот и маркетиншки носи повеќе пари од Мбапе, а тој е и амбасадор за Светското првенство во Катар 2022 година, па катарскиот сопственик на ПСЖ сигурно нема да сака да го продаде сега.

Во таквата ситуација, Мбапе е прва опција за продавање, а тогаш Јувентус е во предност. Челниците на „старата дама“ веќе имале контакт со родителите на Французинот, кои се грижат за кариерата на синот. Тие биле задоволни од интересот на Јувентус знаејќи дека тоа е клуб кој се грижи за младите фудбалери, но и клуб во кој дисциплината е на високо ниво.

Се шпекулира дека и некогашната легенда на Јувентус, Зинедин Зидан, имал разговори со Мбапе и му посочил дека Јувентус е вистински клуб за него. Во „старта дама“ одлично поминале и други големи француски ѕвезди, како што се: Мишел Платини, Дидие Дешамп, Давид Трезеге, Патрис Евра, Лилиан Тирам. Сега од Французите во Јувентус е Матуиди, кој е миленик на публиката. Да не заборавиме дека и Пол Погба во Јувентус го покажа целиот свој талент.

Останува само времето да покаже дали може да се случи Мбапе да го облече дресот на најтрофејниот италијански клуб.

- Оглас -

Најнови вести