Управата на Борусија Дортмунд им приреди пријатно изненадување на своите вработени пред финалниот дуел во Лигата на шампионите против Реал Мадрид и бесплатно ќе ги води во Лондон.
Според германските медиуми, сите 519 луѓе кои се вработени во клубот, од обезбедувањето, чистачите, луѓето кои се задолжени за одржување на стадионот, ќе добијат бесплатен билет за финалниот дуел во ЛШ меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид кој ќе се игра на „Вембли“.
Освен што ќе добијат бесплатен билет за најважниот натпревар на Борусија во последните 11 години, на вработените ќе им биде обезбедено сместување во Лондон и ќе им биде платен авионскиот лет.
Борусија Дортмунд има еден триумф во ЛШ, во 1997 година во финалето го победи Јувентус со 3:1, а во 2013 година загуби од Баерн Минхен со 1:2 во финалето кое се играше во Лондон.
Финалниот дуел во ЛШ меѓу Борусија Дортмунд и Реал Мадрид ќе се игра на први јуни на „Вембли“.