Екипата на Фулам вечерва гостува кај Ватфорд, а со евентуален пораз тоа ќе биде сигурно збогување за лондонскиот клуб од англиската Премиер лига. Фулам досега има освоено само 17 бодови во 32 меча и има дури 16 бодови помалку од Барнли, клуб кој се наоѓа надвор од зоната за испаѓање во Премиер лигата.
Доколку Фулам загуби од Ватфорд, тогаш и теоретски ќе ги загуби шансите за опстанок во Премиер лигата, а ќе му се приклучи на Хадерсфилд, кој веќе нема никакви шанси да се спаси од испаѓање. За Фулам, ова е очајна сезона, посебно ако се знае дека пред почетокот, во летниот преоден рок беа потрошени 112 милиони евра за доведување нови играчи.
Амбициите на клубот беа да бидат во средината на табелата, но на теренот се случуваше нешто друго, па вечерва може да се стекнат со статус на второлигаш од следната сезона во Англија.
Во Премиер лигата вечерва се игра уште еден интересен меч во кој Вулверхемптон го пречекува Манчестер јунајтед. Овие две екипи неодамна играа во ФА купот, кога Вулверхемптон победи со 2-1. Домаќините и сега се надеваат на изненадување, додека Манчестер јунајтед не смее да си дозволи кикс ако сака да остане со реални шанси за место кое води во Лигата на шампиони за следната сезона.