Носителот на Златната топка, Осман Дембеле, го мачи тренерот Луис Енрике пред утрешниот голем дуел во Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Според француските медуми, тој можеби повторно ја обновил повредата на задниот дел на бутниот мускул за време на натпреварот против Ница.
„Ме боли задниот дел на бутниот мускул, многу ме боли“, оваа изјава, снимена од ТВ-камерите, предизвика загриженост во редовите на Пари Сен Жермен. Францускиот репрезентативец ја сподели болката со соиграчот Ашраф Хакими за време на славењето по драматичната победа над Ница во саботата навечер.
Според извори, Дембеле почувствувал непријатност на истото место уште во средата, за време на мечот против Лориен. Затоа тренерот Луис Енрике одлучи да не го стави во стартниот тим, туку го внесе во игра во 74-тата минута на местото на Заир-Емери. И покрај тоа што ПСЖ дојде до победа со гол на Гонсало Рамош во 90-тата минута, изгледа дека Дембеле повторно ја почувствувал истата повреда која го држеше надвор од терените речиси еден месец.
И покрај загриженоста, тренерот Луис Енрике се обиде да ја смири ситуацијата.
„Мораме да бидеме трпеливи и да го слушаме неговото тело. Дури и ако го видиме Дембеле на терен десетина или дваесет минути, тоа веќе е голема радост“, истакна тренерот на ПСЖ.
Отсуството на Дембеле, секако, би било сериозен удар за ПСЖ, кој оваа сезона се стреми кон освоjување на тројната круна.

