Повторно потфрливте…

Марко Џампаоло веќе не е тренер на Милан. Италијанецот беше на клупата само 111 дена и доби отказ по катастрофалното отворање на сезоната. На негово место доаѓа Стефано Пиоли, кој денес би требало да го стави потписот на тригодишниот договор, според кој ќе заработува 1,5 милион евра по сезона.

Пиоли ќе биде дури деветтиот стратег кој ќе го преземе кормилото на Росонерите по отказот на Макс Алегри во јануари 2014 година. Овие драстични промени кои не донесоа никакви резултати досега, ги натераа најверните навивачи на Милан да го искажат своето мислење преку соопштение, во кое се вели дека најмногу се разочарани од раководството на клубот, предводено од Иван Газидис, Паоло Малдини и Звонимир Бобан.

„Милан повторно потфрли. Кога ќе помислиме дека го допревме дното, вие правите уште полош потег. Ја поддржавме стратегијата да градите тим од млади играчи, се помиривме со фактот дека уште долго време нема да видиме врвни играчи како ги бранат боите на нашиот сакан клуб. Запрепастени, ја следевме ерата на Џампаоло како пропаѓа, избор кој беше силно поддржан од самата управа, а потоа се откажавте од тој проект безмилосно, но сосема оправдано. Се помиривме и со лошата трансфер-политика. Се споменуваа многу фудбалери, ниту еден од нив не дојде, а првичните цели ги заменивте со второкласни играчи кои претходно не беа во вашите планови. На срамен начин го сменивте тренерот. Договоривте нов тренер пред официјално да ги разрешите работите со претходниот, потег кој покажа колку сте непрофесионални во вашата работа. За време на мечот со Џенова, со транспарентот кој го покажавме сакавме да ви кажеме колку нè срамите што ни го уништувате клубот. Времето ви истече, како и нашето трпение… Мора да докажете дека сте доследни на функцијата“, стои во дел од соопштението на навивачите на Милан.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести