7.8 C
Skopje
среда, 7 јануари 2026

Познат е најголемиот фаворит за наследник на Аморим на клупата на Манчестер јунајтед

Оливер Гласнер е главен кандидат за наследник на Рубен Аморим на клупата на Манчестер јунајтед, објавуваат бројни британски медиуми. Раководството на клубот од „Олд Трафорд“ високо ја цени работата на австрискиот стратег, особено она што го направи во Кристал Палас, каде неговиот договор истекува на крајот од тековната сезона.

Јунајтед веќе подолго време ја следи кариерата на Гласнер и неговите планови за иднината, а неговото име се споменува сè почесто како долгорочно решение за позицијата нов менаџер по заминувањето на Аморим.

До именувањето на нов тренер, привремено ќе делува Дарен Флечер. Тој ќе ја води екипата на гостувањето кај Барнли в среда, а можно е и во третото коло од ФА Купот против Брајтон в недела на „Олд Трафорд“.

Од клубот нагласуваат дека размислуваат за ангажирање привремен менаџер до крајот на сезоната, додека во летниот преоден рок ќе се бара трајно решение за долг период.

Покрај Гласнер, како кандидати за клупата на Јунајтед се споменуваат и Роберто де Зерби од Марсеј, како и поранешниот играч на клубот Мајкл Карик, кој минатото лето го напушти Мидлсборо. Исто така, на листата високо се рангира и менаџерот на Њукасл, Еди Хау.

Гласнер зад себе има импресивна кариера. Минатата сезона со Кристал Палас освои прв голем трофеј во историјата на клубот – ФА Куп, а потоа го победи Манчестер сити во Комјунити Шилд. Претходно, со Ајнтрахт Франкфурт го освои и трофејот во Лига Европа.

Кога го презеде Кристал Палас во февруари 2024 година, клубот беше на 15-тото место во Премиер лигата со десет порази во 17 натпревари. Гласнер успеа да ја стабилизира екипата и да оствари историски резултати.

- Оглас -

Најнови вести