Познат тимот на Бразил за Копа Америка: Без Марсело, Фабињо, Моура, Вилијан…

Селекторот на Бразил, Тите, го објави списокот од 23 репрезентативци со кои ќе се натпреваруваат на претстојното Копа Америка првенство кое ќе се одржи од 14 јуни до 7 јули. „Земјата на самбата“ воедно е и домаќин на новиот континентален собир на Јужна Америка, што значи дека ќе имаат огромна поддршка во обидот да ја освојат деветтата титула во ова натпреварување, а истата ја чекаат цели 12 години.

Тите останува на својата филозофија, комбинацијата од искусна одбрана и подмладена офанзивна линија, а има и неколку изненадувања. Прво, треба да се набројат оние кои отпаднаа од финалниот список. Тоа се Марсело од Реал Мадрид, Лукас Моура од Тотенхем, Фабињо од Ливерпул, Вилијан од Челзи, Даглас Коста од Јувентус, а меѓу другите ги нема и Паулињо, Алекс Телеш, Данило, Фред и Фелипе Андерсон. Исто така го нема ниту талентот на Кралевите Винисиус јуниор, за кого Тите изјави дека не е задоволен со неговиот напредок и ќе мора да биде трпелив за повик од националната селекција.

Сепак, и покрај отсуството на овие квалитетни и познати имиња, Бразил има доста опасен тим. Секако, прва ѕвезда е Нејмар кој воедно е и капитен. Интересно е што Тите го врати искусниот Фернандињо, а не го повика за Мундијалот во Русија. Дебитанти се Давид Нерес од Ајакс и Евертон од Гремио.

Список на репрезентацијата на Бразил:

Голмани: Алисон (Ливерпул), Едерсон (Манчестер сити), Касио (Коринтијанс).

Одбрана: Алекс Сандро (Јувентус), Миранда (Интер), Тијаго Силва (ПСЖ), Маркињос (ПСЖ), Едер Милитао (Порто), Фагнер (Коринтијанс), Дани Алвеш (ПСЖ), Филипе Луис (Атлетико Мадрид).

Среден ред: Aлан (Наполи), Артур (Барселона), Фернандињо (Манчестер сити), Каземиро (Реал Мадрид), Лукас Пакета (Милан), Фелипе Кутињо (Барселона).

Напад: Нејмар (ПСЖ), Евертон (Гремио), Давид Нерес (Ајакс), Габриел Жесус (Манчестер сити), Ричарлисон (Евертон), Роберто Фирмино (Ливерпул).

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

1 КОМЕНТАР

Коментарите се затворени.

- Оглас -

Најнови вести