Познатата стратегија на Јуве: Преговори во зима, за налето да поминат поевтино

Ако Јувентус е познат по нешто друго освен како најпопуларен и најтрофеен италијански клуб, тоа е нивната стратегија на трансфер-пазарот. Изминативе сезони Старата дама редовно имаше барем по еден бесплатен ангажман, а веќе се скроени плановите и за летото 2020 година.

Откако од Премиер лигата успеаја да ги доведат Аром Ремзи и Емре Џан без да потрошат банка, одговорните луѓе за ангажмани на Јуве планираат тоа да го направат и со ѕвездата на Манчестер јунајтед, Давид де Хеа. Шпанскиот чувар на мрежата влезе во последната година од договорот со Црвените ѓаволи, а веќе околу две години англискиот клуб се обидува да го наговори Де Хеа да потпише нов договор.

Доколку тоа не се случи до крајот на 2019 година, Јувентус без пречки ќе може да преговара со Де Хеа и да му понуди договор кој би стапил на сила од јули 2020 година. Знаејќи со колкав успех Јувентус на ваков начин доведува играчи во своите редови, нема да биде изненадување доколку Де Хеа прифати да се пресели во Италија, а не треба да се напомни колкаво засилување би бил Шпанецот на веќе застрашувачкиот состав на италијанскиот првак.

- Оглас -

Најнови вести