Колумбиецот Еган Бернал не само што се запиша во историјата на велосипедизмот како најмлад победник на Тур де Франс во последните 110 години туку и добро ќе заработи од триумфот на најславната трка на светот. Бернал, кој има 22 години, за победата на Тур ќе добие парична награда од 500.000 евра.
Велосипедизмот е многу напорен спорт и можеби оваа награда делува скромно во споредба со наградите кои ги добиваат, на пример, тенисерите на гренд слемите, но секако не е мала.
Второпласираниот Герент Томас ќе добие 200.000 евра, а третиот Стивен Крајсвајк награда од 100 илјади. Пари ќе добијат сите кои ја завршија трката, но за 20-тиот и до последниот наградата е само 1.000 евра. За победа на етапа се добиваат 11.000 евра, а награди од 25.000 евра има и за најдобриот спринтер, најдобриот млад возач и најдобриот на нагорнините.
Сепак, најверојатно на учесниците повеќе им вреди задоволството што ги извозеле сите етапи, отколку заработката.