Прекрасна вест од Полска: велосипедистот Јакобсен се разбуди од кома!

Велосипедистот Фабио Јакобсен кој се здоби со тешки повреди на главата при падот во финишот на трката околу Полска, откако при брзина од 80 километри на час беше оттурнат од неговиот сонародник Дилан Груневеген во заштитните реклами крај патеата, денеска се освести и веќе не е во индуцирана кома.

Ова е голем напредок, па сега лекарите даваат оптимистички прогнози дека Јакобсен откако ќе закрепне, повторно ќе може да вози и да се натпреварува.

Јакобсен загуби доста крв, имаше сериозни повреди, но тие не се толку тешки (нема оштетувања на мозокот или ‘рбетот) за да не може во иднина да спортува. Најважно беше 23-годишниот Холанѓанец да преживее и да се оперираат тешките повреди во делот на главата, пред се вилицата, бидејќи му биле искршени сите заби и има многу скршени коски.

Операцијата траеше пет часа, а денеска тој постепено се буди и се наоѓа во тешка, но стабилна состојба. Лекарите велат дека дише самостојно, и реагирал на командите. Ако состојбата му се подобрува според желбите, тој за две недели би можел да ја напушти болницата и да почне подолг процес на рехабилитација.

 

- Оглас -

Најнови вести