Претседателот на Лацио е кандидат за градоначалник на Рим

Изборите за градоначалник на италијанската престолнина Рим ќе се одржат следната година, а на листата на кандидати би можело да се појави и првиот човек на фудбалскиот клуб Лацио, Клаудио Лотито. Претседателот на Лацијалите има поддршка од две десничарски политички партии, од кои едната е „Форца Италија“ на Силвио Берлускони, експремиер на Италија и претседател на Милан од најславните денови на Росонерите.

Целта на десничарите е да ја сменат Вирџинија Раџи, која е прва жена градоначалник во историјата на Вечниот Град. Лотито и во 2018 година беше кандидат за место во Сенатот, но таа позиција му побегна за малку.

Контроверзниот Лотито од 2004 година е претседател на Лацио, а во 2006 година доби две и пол годишна забрана за вршење на каква било должност во италијанскиот фудбал поради вмешаност во скандалот Калчополи. Навивачите на Лацио се десничарски ориентирани и можеби ќе гласаат за него, но не и фановите на Рома, кои ја застапуваат левичарската политичка опција.

- Оглас -

Најнови вести