Агентот на Хвича Кварацхелија, Мамука Југели, а и таткото на фудбалерот јавно кажаа дека грузиската фудбалска ѕвезда сака да си оди од Наполи, но тоа ги разлути во клубот.
Според Југели, приоритет на Хвича е трансфер во клуб кој игра во Лигата на шампионите, но потрагата по нов клуб ќе ја почне по завршувањето на Европското првенство. Таткото на Хвича, Бадри, го дели истиот став.
„Не сакам мојот син да остане во Наполи. Минатата сезона сменија тројца тренери и тешко е да се игра во таква ситуација“, изјави Бадри Кварацхелија.
Наполи неодамна го ангажира Антонио Конте како нов тренер, Конте сака да го има Кварацхелија на располагање, а најсериозен интерес за 23-годишниот Квара има од ПСЖ.
Од Наполи остро реагираа со соопштение.
„Во врска со изјавите на агентот на Кварацхелија, Мамука Југели, и неговиот татко Бадри, Наполи повторува дека играчот има договор со клубот уште за три години. Кварацхелија не е на трансфер-пазарот. За иднината на играч под договор со Наполи не одлучуваат агентите или татковците, туку клубот!!! Крај на приказната“, порачаа Наполитанците.