Денеска стартува пролетниот дел од сезоната во Првата фудбалска лига, а во 19-то коло, меѓу себе ќе играат четирите првопласирани екипи на табелата.
Во есенскиот дел од сезоната најдобар беше тимот на Струга ТЛ кој освои 37 бода, а имаше перфектен старт со осум победи во првите осум кола. Како втор заврши шампионот Шкупи кој имаше бурна есен бидејќи направи смена на тренерската позиција.
Сезоната ја започна со Гоце Седлоски на клупата кој по слабиот старт си поднесе оставка, но по неколку кола повторно се врати на клупата. Шкендија е трета, додека Тиквеш заврши како четвртопласиран, а во битката за Европа е во игра и Силекс кој е петти со ист број на бодови како и кавадарчани (26). Во долниот дел од табелата, битката за опстанок ќе се води меѓу Скопје, Академија Пандев (Брера) и Победа кои се наоѓаат на последните три позиции.
Во едно од двете денешни дербија, Струга ТЛ му гостува на Тиквеш. Овие два тима, досега меѓу себе играле само четири пати, и тоа во последните две сезони и се израмнети. И двете екипи имаат по една победа како и два нерешени резултати.
Интересно е што на сите четири натпревари, немало повеќе од два гола.
Во второто дерби ќе играат Шкупи и Шкендија, а според квотите во Sport Life, шампионот е благ фаворит.