Прснавме од смеа кога сфативме дека водиме 5-0 на полувреме против Ливерпул (видео)

Пред околу пет години, Ливерпул под водство на Брендан Роџерс го претрпе можеби најпонижувачкиот пораз во поновата историја. Тоа беше во последното коло од сезоната 2014/15, во која Црвените завршија на шестото место.

Мечот против Стоук на „Британија“ стадионот беше последен во кариерата на Стивен Џерард како играч на Ливерпул, а Марк Хјуз и неговите избраници му приредија заборавно испраќање. Грнчарите славеа со огромни 6-1, односно имаа убедливо водство од 5-0 по првите 45 минути игра.

Токму Хјуз, во интервју за организацијата „Гласот на тренерите“, откри што се случувало во соблекувалната за време на паузата од тој меч.

„Пред судијата да отсвири крај на првиот дел, Н‘зонзи се најде во ситуација да шутира од далечина и погоди за 5-0. Се сеќавам дека влегов во соблекувалната, се погледнавме сите меѓусебе и прснавме од смеа. Не можевме да го свариме фактот дека водиме 5-0 на полувреме против квалитетна екипа како што е Ливерпул, но тоа беше реалноста“, истакна Хјуз во дел од видеото кое трае 14 минути и објаснува како му успеа неговата тактика.

Меѓутоа, кој последен се смее, најслатко се смее. Пет години подоцна, Стоук е во ситуација да се бори за опстанок во Втората англиска лига, додека Ливепрул под команда на Јирген Клоп прерасна во страв и трепет во Англија и Европа. Како актуелен европски првак, Ливерпул атакува на титулата во Премиер лигата и иако е рано, сигурно дека по 30 години чекање трофејот ќе пристигне на „Енфилд“ бидејќи имаат недостижна бодовна предност во однос на второпласираниот Манчестер сити.

- Оглас -

Најнови вести