Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) Томас Бах, е во тридневна посета на Скопје. Тој до утре е тука и ќе учествува на Генералното Собрание на европските олимписки комитети кое се одржува во главниот град на Македонија.
Ова е прва посета на Бах во земјава. Годинава, МОК одбележува 30 години од основањето.
Претседателот на Македонскиот олимписки комитет, Даниел Димевски, оствари работна средба со Бах, на која беа договорени многу нови проекти.
Претседателот Бах ја отвори Лабораторијата на МОК за постигнување на врвни спортски резултати, која е создадена да го следи психо-физичкиот развој на најдобрите македонски спортисти, но и да го унапреди истиот, како и да ги дијагностицира и менаџира однапред сите можни спортски повреди.
Претседателот на ИОК на Димевски му ја врачи престижната награда – ИОК трофеј “Олимписка куќа“.
Томас Бах беше и во посета на Општина Бутел каде го дочекаа над 600 учесници преку демонстрација на десетина олимписки спортови. Олимпискиот ден во Општина Бутел беше организиран со фудбал, кошарка, одбојка, таеквондо, борење, карате и ракомет. Таму се сретна со нашиот најуспешен олимпиец Дејан Георгиевски кој лани во Токио се закити со сребрен медал во текводно.
Тука е и претседателот на Европскиот олимписки комитет, Спирос Капралос, кој истотака беше дел од средбата со претседателот на државата, Стево Пендаровски на која се разговараше за многу проекти од заеднички интерес, а претседателот Бах уште еднаш ја истакна својата воодушевност од работата на МОК и вети дека МОК и македонскиот спорт ќе биде уште повеќе поддржан од страна на ИОК.
За време на средбата Бах на претседателот Пендаровски му го врачи престижното признание – медалот „Пјер де Кубертен“.
Во Скопје е дојден и славниот некогашен скокач со стап, Сергеј Бубка, олимписки првак од 1988 година и доскорашен светски рекордер.