Управниот одбор на Француската професионална фудбалска лига го прифати барањето на Пари Сен Жермен да го одложи натпреварот против Ленс, кој требаше да се игра на 11 април. Овој термин е помеѓу двата четвртфинални натпревари од Лигата на шампионите, кога ПСЖ ќе се соочи со Ливерпул.
Ленс, кој е домаќин на овој натпревар и единствен ривал на Светците во борбата за титулата во Лига 1, не сакаше натпреварот да се одложи, но сега мора да ја прифати одлуката на лигата.
Освен овој дуел, кој може да биде решавачки во трката за титулата, одложен е уште еден натпревар, тој помеѓу Брест и Стразбур. Овој дуел требаше да се игра на 12 април, а тука одлуката е во корист на тимот предводен од Гари О’Нил, кој има натпревари против Мајнц во четвртфиналето од Конференциската лига.
Одложените натпревари треба да се играат на 13 мај.
Разликата помеѓу ПСЖ и Ленс моментално е еден бод, а актуелниот француски првак има одиграно и еден натпревар помалку. Тоа е натпреварот против Нант, кој беше одложен за да се помогне во подготовката на тимот на Луис Енрике за дуелите против Челзи во претходното коло од Лигата на шампионите.
„Овие одлуки се донесени од стратешка гледна точка. Нашата цел е да обезбедиме четири места во Лигата на шампионите на УЕФА и да го зголемиме коефициентот на земјата“, соопшти француската фудбалска лига.

