ПСЖ стравува за повредата на Дембеле пред финалето на ЛШ

Пари Сен Жермен се соочува со големи проблеми само 13 дена пред финалето на Лигата на шампионите против Арсенал.

Имено, Осман Дембеле беше принуден да ја напушти играта само по 27 минути на натпреварот против ФК Париз. Сето ова, секако, предизвика голем шок во редовите на актуелниот европски првак и никој не може да замисли финале на ЛШ без овој фудбалер.

Шампионот на Франција се обидуваше да го задржи ритамот пред финалниот натпревар од Лигата на шампионите против Арсенал, но синоќа работите тргнаа во погрешна насока.

Иако натпреварот немаше влијание врз табелата, интензитетот на дербито донесе голема загуба за тимот на Луис Енрике.

Дембеле, кој оваа сезона беше клучен играч за парижаните, на теренот помина помалку од 30 минути.

Беше забележано како се држи за ногата, по што беше донесена одлука веднаш да ја напушти играта и директно да се упати кон тунелот на итен лекарски преглед.

Сликата како со поткривнување го напушта теренот предизвика страв кај навивачите на ПСЖ дека би можел да го пропушти финалето на Лигата на шампионите на 30 мај.

Првичните проценки на медицинскиот тим на ПСЖ велат дека станува збор за истегнување на мускул, но сите ќе ја чекаат официјалната дијагноза.

„Немам што да кажам за Дембеле, ќе почекаме до понеделник за да бидеме сигурни. Мислам дека е истегнување, но да почекаме за да бидеме сигурни. Мислам дека не е ништо сериозно“, изјави Енрике по натпреварот.

- Оглас -

Најнови вести