Пукаа петарди во квалификациите за ЛШ, Букари со хет-трик ја запали „Маракана“

Осман Букари, репрезентативецот на Гана, постигна хет-трик за Црвена ѕвезда, која го растури Пјуник со 5:0 и веќе е сигурен патник во плејофот за Лигата на шампионите.

Букари, кој дојде кај српскиот првак ова лето од Нант, покажа дека ќе биде големо засилување за белграѓани и веќе има постигнато пет гола на пет меча, вклучувајќи го и трилингот против Пјуник.

Црвена ѕвезда доминираше во текот на целиот меч и веќе по првото полувреме имаше предност од 3:0 со два гола на Букари и еден на Замбиецот Кангва.

И во продолжението Црвено-белите беа моќни и со уште еден гол на 23-годишниот репрезентативец на Гана и на Митровиќ победија со 5:0 за безгрижен реванш во Ереван за една седмица.

Веќе и со сигурност може да се претпостави дека едниот пар за плејоф-двомечот ќе бидат Црвена ѕвезда и Макаби Хаифа.

Израелците вечерва го декласираа Аполон од Кипар со 4:0 и имаат огромна предност за реваншот.

И Бодо/Глимт беше убедлив со Жалгирис и победи со 5:0, па и Норвежаните спокојно ќе го чекаат и реваншот и вкупниот победник од двомечот Динамо – Лудогорец, во кој загрепчани имаат предност со победа од 2:1 на гости пред реваншот на „Максимир“.

Динамо Киев го победи Штурм со 1:0 и со гол предност ќе гостува во Грац, а Карабах и Ференцварош ремизираа 1:1.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести