Работнички никогаш не бил послаб – на последните пет меча загуби со вкупно 127 разлика!

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб, Работнички, загуби на свој терен од Гостивар, и тоа убедливо со 57: 91 во меч од домашното првенство. Работнички беше достоен ривал само во првата четвртина, кога резултатот беше 19:19, а Гостивар следните 10 минути ги доби со 25:12 и потоа константно ја зголемуваше предноста, која на крајот изнесуваше 34 поени.

Ова е петти пораз по ред на Работнички во првенството и вкупно во сите тие натпревари загуби со 127 разлика! Негативната низа започна со поразот од вториот тим на МЗТ Скопје Аеродром (87:89), а потоа следуваше дебаклот од Феникс (102:51). Работнички загуби и од најслабиот тим во лигата, Ангели се радуваше со 73:64, додека ТФТ немаше многу милост и го победи тимот од Градски парк со 103:72. Денешниот пораз од Гостивар со 34 разлика е доволен за Работнички во последните пет меча во просек да губи со 25 разлика!

Во вториот меч кој се играше вечерва, Пелистер дома го победи Еуро Никел со 93:84 и битолчани ја продолжија перфектната низа од 15 победи сезонава. Триумфот на Пелистер е посебно значаен затоа што е остварен со голем пресврт.

Еуро Никел во третата четвртина водеше со 17 разлика (65:48), но Пелистер со неверојатна игра во последните 15 минути не само што ја надополни таа негатива, туку на крајот стигна и до победа од девет разлика.

- Оглас -

Најнови вести