Работнички против Куманово ја прекина серијата порази

Најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички без проблеми го победи Куманово со 97:71 во шестото коло од Суперлигата. Со овој триумф, актуелниот шампион ја прекина серија од три порази. Работнички губеше од Гостивар, Блокотехна и МЗТ Скопје Аеродром, со што си ги намали шансите на крајот од Суперлигата да биде прв на табелата. Куманово го претрпе седмиот пораз во низа.

Дуелот се играше во салата „Младост“ во Гостивар поради тоа што домот на Работнички, „Градски парк“, не ги исполнува условите за играње меч од Суперлигата, но тоа не беше проблем за домаќините да победат. Уште во првите 10 минути Работнички покажа дека е многу поквалитетен тим, па даде двојно повеќе поени од противникот (24:12).

И втората четвртина Работнички ја доби со 12 поени предност (29:17), па уште во првиот дел беше јасно дека нема да има никакво изненадување. Бобан Стајиќ со 24 поени и 12 асистенции беше најдобар кај Работнички, во чии редови одлични беа и Јаневски со 22 поени, Караџовски (13) и Младеновиќ (12). Кај Куманово најефикасен беше Ѓекиќ со 20 поени.

Ова коло ќе се комплетира вечерва со дуелот меѓу МЗТ Скопје Аеродром и Кожуф, кој започнува во 20:15 часот.

 

 

- Оглас -

Најнови вести