34.8 C
Skopje
недела, 3 август 2025

Рафиња му даде бесплатен совет на Рашфорд: За да играш во Барселона, мора да си максимално подготвен

Бразилската ѕвезда на Барселона, Рафиња, упати јасно предупредување до Маркус Рашфорд, кој неодамна се приклучи на клубот како позајмен играч од Манчестер јунајтед.

Според Рафиња, конкуренцијата во нападот на Каталонците ќе биде жестока, но тоа само ќе го подигне нивото на тимот бидејќи се стреми да се бори за трофеи следната сезона.

Рашфорд ќе мора да се избори за место во тимот каде во нападот има фудбалери од калибарот на Рафиња, Ламин Јамал, Роберт Левандовски и Феран Торес.

„Кога играте во овој дрес, за овој клуб, мора да бидете подготвени за целата конкуренција што постои. Според мене, колку повеќе конкуренција има, толку подобро. Тоа значи дека еден играч му помага на друг да се развива, а тоа е најважното нешто ако сакаме да освојуваме трофеи“, рече Рафиња во интервју за Диарио Спорт.

Бразилецот открива дека неговата најголема мотивација е Лигата на шампионите:

„Тоа е личен предизвик за мене во мојата кариера. А исто така и целта на клубот – да ја освојат својата шеста титула во Лигата на шампионите. Ќе направам сè што можам за да го остварам тоа. Сигурен сум дека сите играчи размислуваат исто“, додава еден од капитените на каталонскиот гигант.

Минатата сезона беше најдобра за Рафиња во кариерата. Бразилецот имаше 34 голови и 25 асистенции во сите натпреварувања. Неговиот настап во Лигата на шампионите беше особено импресивен – 13 гола и 9 асистенции.

И покрај доаѓањето на Рашфорд, Бразилецот потпиша нов договор до 2028 година.

- Оглас -

Најнови вести