Ракитиќ по завршувањето на фудбалската кариера, ќе се запише на Харвард

Легендата на хрватскиот фудбал, Иван Ракитиќ, по завршувањето на кариерата во Хајдук, планира да остане во светот на спортот, но првото нешто што ќе го направи е да се образува на престижниот универзитет Харвард.

Иван Ракитиќ прави феноменална работа во дресот на сплитскиот Хајдук. Тимот од „Пољуд“ силно ја посакува титулата шампион по 20 години, а токму Ракетата, како што нарекуваат Ракитиќ, е главната ѕвезда на тимот на Џенаро Гатузо.

Јасно е дека 36-годишниот ас не дошол на „Пољуд“ поради парите. Љубовта кон Хајдук го доведе во клубот, а по завршувањето на кариерата, веќе има јасен план за иднината.

Ракитиќ планира да оди на престижниот универзитет Харвард за да го продолжи своето образование во насоката во којашто планира да ја гради својата иднина.

„Поседувам УЕФА сертификат за управување во фудбалот и постојано сум во контакт со нивните претставници. Планирам да го продолжам образованието во тој правец на Харвард“, изјави Ракитиќ за каталонскиот весник „Ара“.

„Не сум сигурен дали ќе бидам тренер или ќе работам нешто друго. Сигурно е дека ќе останам поврзан со светот на фудбалот. Затоа и воспоставувам контакти“, дополни хрватскиот ас.

- Оглас -

Најнови вести