Ракометарите кога победуваат на СП, тоа го прават убедливо

Ракометната репрезентација на Македонија ја забележа втората победа на Светското првенство што се игра во Полска и Шведска и во последниот натпревар на Мундијалот ќе игра за 27-мото место.

Црвено-жолтите вечерва славеа со убедливи 40:25 против Мароко и го освоија второто место во групата 2 во Президент купот, кое им донесе меч за 27-мото место на СП против Јужна Кореја.

Интересно е што и втората победа Македонија ја оствари со идентичен резултат како и против Алжир пред четири дена.

Селекторот Кирил Лазаров одлучи вечерва шанса да им даде на помладите репрезентативци, ги одмори искусните крила Манасков и Георгиевски, како и првиот голман Митревски, а лидер на теренот беше Филип Миркуловски.

Мароканците резултатски беа во игра само во воведните минути (2:2), по што следуваше серија од 5:0 на Македонија, со која ја презеде контролата на натпреварот.

Првото полувреме заврши со предност од шест за нашите ракометари (18:12), а вториот дел започна со серија од 6:0 за Македонија, со што и разликата стана двоцифрена (24:12).

До крајот, избраниците на селекторот Лазаров рутински ја одржуваа предноста и ја израмнија најубедивата победа на Македонија на Светските првенства. Пред четири дена беше победен Алжир со идентични 40:25.

Најпрецизни во нашата репрезентација беа Кузмановски со осум, Атанасијевиќ со седум постигнати голови, додека по шест дадоа Костески и Серафимов.

Последниот натпревар на СП, Македонија ќе го игра за два дена против Јужна Кореја (18 часот).

- Оглас -

Најнови вести