Женската сениорска ракометна репрезентација на Македонија ќе игра во групата 3 против Германија, Словенија и Белгија во квалификациите за Европското првенство. Ова беше одредено на денешната ждрепка во романскиот град Клуж-Напока.
За да играме на ЕП 2026, треба да бидеме први или втори во групата, а на ЕП одат и четири најдобри третопласирани од шесте групи.
Прв фаворит е Германија, седма од последното ЕП, Словенките беа десетти на ЕП 2024, на кое Македонија беше 18-та на конечната табела, додека Белгија е аутсајдер, тие не играа на последниот европски шампионат.
Квалификациите почнуваат во октомври годинава, а ќе завршат во април 2026.
Женското ЕП 2026 ќе се игра во декември следната година во пет земји (Полска, Романија, Чешка, Словачка и Турција), а освен петте земји домаќини, пласман на првенството имаат обезбедено и трите медалисти од претходниот шампионат кој се играше есеноска, Норвешка, Данска и Унгарија.