Рамос може да сонува за да го сруши рекордот по бројот на црвени картони

Серхио Рамос за помалку од 200 минути поминати на терен во дресот на Пари Сен Жермен успеа да добие црвен картон. На дуелот против Лориен, Рамос влезе во игра во второто полувреме, но набрзина доби два жолти картони, што автоматски значеше и негово исклучување.

За Рамос ова беше вкупно 27-ми црвен картон во кариерата, што секако го прави еден од најгрубите фудбалери во историјата. Сепак, Шпанецот е далеку од рекордот на фудбалерот кој бил најмногу пати исклучуван.

Тоа е Колумбиецот Херардо Бедоја, кој го држи рекордот по бројот на добиени црвени картони. Бедоја во својата 20-годишна кариера успеал да добие дури 46 исклучувања, што претставува светски рекорд. Прекарот на Бедоја беше „ѕвер“, а во периодот од 1995 до 2015 година, настапувајќи во Колумбија, Аргентина и Мексико, постави рекорд кој тешко дека ќе биде достигнат во скоро време.

На еден од мечевите на кој Бедоја доби црвен картон, тој прво со лакт го удри противникот, а потоа со нога го згазна на лицето.

По завршување на играчката кариера, Бедоја стана тренер, а интересно е дека во првиот меч како стратег доби исклучување, и тоа само по 21 минута на чело на тимот Индепендиенте Санта Фе поради малтретирање на судиите.

Ако се знае дека Рамос веќе има 35 години, а му требаат уште 19 црвени картони за да го достигне рекордот на Бедоја, јасно е дека Колумбиецот е далеку пред еден од најтрофејните европски фудбалери, барем кога се работи за добиените црвени картони.

- Оглас -

Најнови вести