Рангник го „издрибла“ Шалке, се надева на повик од Германија

Ралф Рангник, екстренерот на Лајпциг, ја одби понудата од Шалке 04 да биде нов спортски директор, иако изминатиов период беше во преговори со управата на клубот.

Рангник се предомисли и нема да ја преземе функцијата, така пропадна и планот да се врати на „Велтинс арената“ каде што работеше како тренер во сезоната 2004/05.

„Сакав да учествувам во проектот, но за жал не сум во можност да ја преземам функцијата на спортски директор поради одредени проблеми кои се случуваат во клубот“, истакна Рангник, по што од таборот на Шалке непријатно се изненадија.

Наводно, Рангник се надева дека ќе добие повик од репрезентацијата на Германија по ЕП 2020, откако беше најавено заминување на Јоаким Лев од селекторската позиција.

Инаку, Шалке по крајот на оваа сезона ќе се пресели во Цвајта, со оглед на тоа дека тимот од Гелзенкирхен е на последното место во германското првенство со само 10 бода по 26 натпревари.

- Оглас -

Најнови вести